Велковски: Се познаваме со сите ривали, но мора добро да се спремиме за ЕП

Мартин Велковски, ракометарот на Еурофарм Пелистер, ги кажа очекувањата за претстојното Европско првенство (ЕП) кое во 2022 година ќе се игра во Унгарија и Словачка. Нашиот национален тим за ривали ги доби Данска, Словенија и Црна Гора, а бекот смета дека Македонија може да се надигрува со нив, ама мора да скрои добра тактика за секој поединечно.

„Се најдовме во една доста добра група, за да одиме понатаму ќе мора да сме на уште повисоко ниво. На првенството во Хрватска бевме во група со Словенија и Црна Гора, тогаш добро поминавме, се работи за квалитетни репрезентации. Со Данска игравме во квалификациите, иако ги победивме во Скопје, сите знаеме за каква селекција станува збор. Имаме солидни шанси да поминеме понатаму, покажавме во овие квалификации дека има квалитет во нас, така што нема да биде изненадување доколку ја поминеме групата. Ќе мораме добро да се подготвиме за овој настан. Верувам дека селекторот Кирил Лазаров и целокупниот стручен штаб ќе ни ги даде најдобрите совети и насоки за претстојните ривали“, ни изјави Велковски.

Овој ракометен настан ќе биде шесто ЕП по ред за Македонија, или вкупно единаесетти ако се сметаат и Мундијалите, нешто со кое што ретко која репрезентација може да се пофали. Дуелите од групата ќе се играат во Дебрецен, во месец јануари.