• Мартин Танасковски

Екипата на Тиквеш ги заврши настапите во регуларниот дел на Суперлигата со победа на домашен терен. Кавадарчани славеа над Фруитленд Борец (29-24) и така од позицијата број пет со еден бод ќе влезат во плеј-офот во кој ќе се разигрува за титулата и за местата во Европа.
- Комплетниот натпревар меѓу Тиквеш 2014 и Фруитленд Борец:
Домашниот тим во салата „Јасмин“ се мачеше едно полувреме, Борец одигра доста добри 30 минути, но потоа работите си дојдоа на своето место за Тиквеш. Првото полуверме беше израмнето, двете страни си го предаваа водството, а на пауза велешани заминаа со позитива од еден гол (14-15).
Моментот кој го смени текот на дуелот беше расположениот голман Марјан Велков. Капитенот на Тиквеш блесна во второто полувреме, во дваесет минути фати десет топки во нападите на Борец и многу му помогна на својот тим. Тиквеш го сврти дуелот кога поведе со 17-16, а оттогаш па до крајот го зголемуваше водството за два, па три, пет гола...
Најдобар стрелец кај Тиквеш беше Димитар Коцев со седум гола, пред Кристијан Анастасовски со шест гола, ама дефинитивно играч на мечот беше голманот Марјан Велков кој фати 12 топки, од кои десет беа во второто полувреме. Кај Фруитленд Борец, Черубим Гуедеш имаше пет, а Бариша Цвитановиќ погоди четири пати.
Тиквеш регуларниот дел го заврши со единаесет победи, три нерешени и осум порази, додека Фруитленд Борец забележа само две победи, со уште четири нерешени и 15 порази и го чека битка за опстанок во плеј-аутот.