• Иван Димовски

Јосип Векиќ не се прослави во редовите на Вардар, иако пристигна како големо и перспективно засилување. 23-годишниот десен бек имаше повеќе дефанзивна улога во „црвено-црниот“ табор, а авантурата во клубот ја заврши релативно бргу.
Сега, Векиќ има нов клуб, откако Кринс од Луцерн го промовираше како ново име во ростерот. Хрватскиот бек парафира соработка на две сезони со швајцарската екипа, со која ќе игра во најсилната лига на оваа земја. Во минатата сезона Кринс играше во полуфиналето на плеј-офот, каде што загуби од вицепрвакот Кадетен Шафхаузен.
За Векиќ ова е втор интернационален предизвик, откако пред Вардар настапуваше само за ППД Загреб. Инаку, Кринс минатото лето беше ривал на Металург во квалификациите за пласман во Европската лига на ЕХФ и беше поразен во двомечот.