Вејин: Ракометот во Македонија е број еден, едвај чекам на проектот во Охрид

ГРК Охрид гради силен тим за новата сезона, а едно од имињата кои доаѓаат е српскиот бек Предраг Вејин.

32-годишниот Србин настапуваше во Грција каде го носеше дресот на Олимпијакос, но си оди по крајот на сезоната. Следна станица ќе му биде амбициозниот ГРК Охрид кој гради екипа за високи дострели.

„Моето семејство и јас уживаме во Атина, клубот ми даде нов договор на две години, ама одлучив да потпишам за Охрид. Ми се допаѓа проектот, лигата е одлична, а во Македонија ракометот е спорт број еден и едвај ги чекам новите предизвици“, изјави Вејин за Mozzart Sport.

За ракометарот со богата интернационална кариера на десната бековска позиција ова е враќање во Македонија, по настапите за Металург во 2017 година. Србинот беше дел и од шпански Адемар Леон, француски Данкерк, полска Висла, хрватски Нексе...