Вецлар на Миркуловски и Цветковски продолжи со црната серија, загуби и од Мелсунген

Тимот на Вецлар, каде што настапуваат двајцата македонски интернационалци Филип Миркуловски и Јане Цветковски, ја продолжи серијата порази. На вечерашниот меч од 5. коло во Бундеслигата, Вецлар загуби од Мелсунген на домашен терен со убедливи 26-34.

Домашниот тим се држеше некаде до средината на првиот дел, а потоа се беше во знакот на гостите. До крајот на полувремето, „зелените“ обезбедија пристојна залиха од пет голови, 11-16, а во вториот дел само рутински ја завршија задачата и остварија триумф.

Миркуловски не погоди од единствениот обид, додека голманот Цветковски дебитираше за новиот тим, откако влезе во игра во вториот дел кога победникот веќе беше решен. Во следното коло Вецлар ќе се соочи со Лајпциг.