Вецлар и Миркуловски со стоп на црната серија, убедливо поразен Еулен

Екипата на Вецлар ја прекина црната серија во домашниот шампионат, и по двата порази во низа, ги израдува своите фанови со убедлива победа над Еулен Лудвигсхафен (30-19) во дербито на долниот дел на табелата во Бундеслигата. 

Тимот во чии што редови веќе неколку години настапува нашиот репрезентативец Филип Миркуловски уште од самиот почеток најави лесен и убедлив триумф. Тргна офанзивно, веднаш го презеде водството и по 15 минути игра си обезбеди позитива од пет поени, со што си обезбеди мирно продолжување на мечот. На полувреме се замина со позитива на Вецлар од +6 (16-10), а Миркуловски во првите 30 минути беше творец на два гола. 

Стартот на вториот дел мина во знакот на домашните ракометари, кои веднаш направија серија од 5-0 и ја зголемија позитивата на 11 гола, која беше сочувана до самиот крај, за конечни 30-19. Македонскиот бек мечот го заврши со три постигнати гола. 

Со оваа победа Вецлар се искачи на 11. место на табелата во Бундеслигата, додека Еулен Лудвигсхафен останува закован на дното со само една победа и две реми средби.