Важен триумф на Загреб над ПИК Сегед, Алборг убедлив на гости кај Колштад

Ракометарите на Загреб се радуваа на домашниот натпревар од деветтото коло во Лигата на шампионите против ПИК Сегед со 30-25. За хрватскиот тим ова е трета победа во групата на Еурофарм Пелистер, со што полноправно се вклучи во трката за пласман во нокаут рундата. 

Подобро во Загреб отворија Унгарците кои поведоа од стартот (2-5), ама бргу следеше пад. На тоа домаќинот одговори со серија од 10-2 и дојде до предност од 12-7. Токму со највисокото водство се замина и на одморот (17-12). Во продолжението Загреб заигра уште поубедливо и на моменти водеше со девет гола, за на крајот да слави со +5. Екс-вардарецот Иван Чупиќ даде шест гола, исто колку и Срна, додека кај Сегед најефикасен беше Мачковшек со пет.

Убедлива победа запиша Алборг во скандинавското дерби на гости кај Колштад од 18-29 (9-14). Данскиот состав покажа кој е кој и барем до утре ќе биде лидер во групата. Микел Хансен и Кристијан Бјорнсен со по шест погодоци го предводеа тимот до победата, а успех беше фактот дека го задржаа Сандер Сагосен на само четири.

Во овој термин се одигра и мечот во Словенија, каде што Висла Плок слави кај Целје со 25-30.

Вечерва во Данска се игра натпреварот меѓу ГОГ Гудме и Порто.