Важен натпревар во Загреб, Вардар брка прва гостинска победа во Европа

ППД Загреб ја оствари првата победа во Лигата на шампионите и во подобар момент го пречекува дуелот со Вардар 1961 на домашен терен.

Хрватскиот првак најави борба за местата кои носат нокаут фаза во Лигата на шампионите. Бодовите на оваа средба се важни за двата тима, кои ги дели еден бод на табелата во групата А. Македонскиот првак подолго време не знае што е победа на европската сцена.

Избраниците на Веселин Вујовиќ играат добро, но никако не можат да комплетираат перфектни шеесет минути. Почетните две победи сега се веќе минато и во мислите на „црвено-црните“ е само прекин на кризата и серијата порази, која го расипа впечатокот од стартот на тековната сезона.

„Плинарите“ се мотивирани да го искористат домашниот терен за да му зададат нов удар на Вардар. Тие победија во последното меѓусебно соочување во СЕХА лигата, што дополнително ја крева нивната мотивација. Ивица Обрван, поранешниот македонски селектор, вели дека чувствува страв пред овој меч, поради неговата голема важност.

Вардаровите ракометари имаат лоша статистика на гостувањата оваа сезона. Тие запишаа три порази и едно реми, па се надеваат дека конечно ќе запишат позитивен резултат на дуелот во Загреб.