Васиљев: Ми се допаѓа проектот на Еурофарм Пелистер, наидов на пријатни професионалци

Позицијата кружен напаѓач е местото каде што Еурофарм Пелистер најмногу менува од минатата сезона. На местата на Кушан, Граџан и Никола Маркоски пристигнаа две нови репрезентативни имиња како Жарко Пешевски и Денис Васиљев.

29-годишниот руски репрезентативец се обврза на двегодишен договор со битолчани, откако му заврши договорот со Мотор Запорожје.

„Опцијата да дојдам во Македонија ми ја предложи мојот агент. Ми се допадна идејата, клубот и неговите цели и веднаш се согласив да дојдам во Битола.

Добро ги одбработивме подготовките во Маврово, физичкиот дел посебно беше напорен. Групата ракометари добро ме прифати, пријатни луѓе и професионалци. Од моите нови соиграчи ги познавав од претходно Пешевски и Радовиќ, а сум играл и против македонските ракометари во дресот на руската репрезентација“. смета Васиљев.

Иако во македонскиот ракомет доаѓаа многу руски ракометари, Васиљев е прв Русин во Битола по легендарниот Александар Мирзамамедов во деведесеттите години од минатиот век.