Василевски: Веруваме во себе и знаеме дека можеме да славиме против Тиквеш

Ракометарите на Пролет денес ги очекува нов предизвик, во првиот домашен меч од новата сезона во „Македонско Сонце“ ќе го пречекаaт тимот на Тиквеш.

Дуелот се игра неколку дена подоцна поради обврските на гостите во евро-куповите, што им даде дополнителни неколку дена на тренерот Јовиќ и неговите ракометари максимално да се подготват со единствена цел - да стигнат до победата на денешниот дуел. Пролет во првото коло ремизираше на гостувањето против Прилеп, натпревар на кој блескаше левиот бек Александар Василевски со десет погодоци.

„Тоа беше добар натпревар во кој за жал не успеавме да стигнеме до цел плен. Почнавме одлично, но по оние плус пет како да дојде до мало опуштање што домашниот тим знаеше како да го искористи за да се врати во мечот. Во вториот дел се играше израмнето, можеше да се случи дури и да загубиме, така што ремито е можеби и најреален исход ако се земат во предвид случувањата на теренот“, изјави Василевски.

Тој е оптимист дека Пролет попладнево против Тиквеш ќе се покаже во подобро светло и ќе се израдува на првата овосезонска победа.

„Тиквеш е поквалитетен тим од Прилеп ако се земат предвид играчите кои настапуваат за кавадаречкиот клуб. Играат со поголем интензитет и јасно ни е дека нема да имаме нималку лесна задача. Веруваме во себе и знаеме дека ако одиграме како што треба можеме да стигнеме до посакуваната победа, но многу важно ќе биде да ја кренеме одбраната. Оние 30 гола што ги примивме во Прилеп се недозволиви, мораме да го спуштиме противникот на максимум 25 постигнати погодоци. Цврстата одбрана е наш заштитен знак и мораме да влеземе во тој ритам и на стартот од оваа сезона, почнувајќи токму од денешниот меч“, истакнува Александар Василевски.

Заостанатиот натпревар од второто коло во Суперлигата е закажан попладнево од 19:00 часот.