Вардаровите ѕвезди се на цена, ќе останат ли Моралес, Талески, Томовски?

Ако се исполнат најсветлите прогнози на „црвено-црната“ управа и претседателот Михајло Михајловски, Вардар 1961 оваа сезона ќе игра во домашната Суперлигата и за трофеите од Купот и Суперкупот на Македонија, а со високи аспирации ќе настапи и во регионалната СЕХА лига. Иако го потврди скоро целиот ростер од минатата сезона (барем оние кои останаа), Михајловски нема да има лесна задача да ги задржи ракометарите кои имаат понуди од посилни национални првенства од македонското.

Некои од македонските репрезентативци се на цена, па и во нормални услови на Вардар 1961 немаше да му биде лесно да ги задржи Мартин Томовски и Филип Талески. Првиот беше одличен во првиот дел на минатата сезона, а вториот им ги донесе трофеите на вардарци во дуелите со Еурофарм Пелистер во Битола и Кавадарци. Големи се шансите дресот на Вардар 1961 да го напушти Куни Моралес, кој ова лето го одби Раул Гонзалез и не премина во ПСЖ, за да остане во Скопје. Но, дали неиграњето во Лигата на шампионите значи сигурно останување на Кубанецот?

Скоро сигурно во оваа група се крилата Ѓукиќ и Чувара, кои би биле втор избор зад Георгиевски и Дибиров. Можноста Киелце да го остави Додиќ на позајмица уште една сезона е минимална, а до овој момент нови имиња се повратникот Атанасовски и доаѓањето на Лазаревски на позицијата кружен напаѓач.

Низ цела сезона ќе преовладува идејата дека вардаровите ракометари, иако имаат договор, можат да добијат поповолна понуда од екипа која игра во евро-куповите и можат да заминат од Вардар 1961. Сепак, и скопскиот клуб веројатно крои своја стратегија по Светското првенство да доведе нови имиња пред плеј-офот.

Се поставува прашањето дали Вардар 1961 ќе ги ревидира договорите или тие ќе останат исти како и пред исклучувањето од Европа. Од оваа одлука многу работи зависат дали Вардар 1961 и следната сезона ќе биде со Дибиров, Талески, Томовски, Ѓукиќ во ростерот.