Вардарецот Јотиќ е желба на тим од Бундеслига, но договор уште нема

Хрватскиот бек Ловро Јотиќ е на излезна врата од Вардар, а за него најсериозен интерес има од Бундеслигата, од редовите на тимот на Лајпциг. Информацијата ја потврдија и од Германија, од каде кажаа дека вардарецот е нивна желба, меѓутоа, договор се уште нема.

Директорот Карстен Гунтер ги потврди сите шпекулации околу иднината на Јотиќ. Кажа дека постои интерес за трансфер на бекот, меѓутоа, засега, нема договор со Вардар со кого Хрватот е под договор до 2022 година.

„Постои дефинитивно интерес за Јотиќ. Но, трансферот засега не е комплетиран“, кажа директорот на бундеслигашот во изјава за „Спорт Базер“.

Иако последен стигна минатото лето, Јотиќ беше одличен потег на клупската управа и посебно во првиот дел на сезоната тоа и го покажа. Сега нема да биде лесно да се најде негова замена, а Вардар се стреми да изгради уште посилен тим за следното издание на Лигата на шампионите.

26-годишниот Хрват дојде во Вардар откако не го комплетира трансферот во Бенфика, а претходно настапуваше за Еурофарм Пелистер, Загреб, Алборг, Дубрава, Замет и Умаг.