• Зоран Мишевски
Седум дена по домашниот пораз од Веспрем, ракометарите на Вардар покажаа карактер и го совладаа шведскиот првак Кристијанштад во гости со 30-32. Во пресрет на последното коло вардарци и натаму не го знаат својот финален пласман во групата А, бидејќи може да бидат класифицирани од второто до четвртото место.
Арнасон и Хансон почнаа одлично и половина полувреме домаќините водеа со 1-2 гола предност. Сепак, после десеттата минута СЕХА-шампионот фати приклучок и Кристопанс и Скубе израмнија на 9-9 на половина од првиот дел.
Комбинаторната игра на момците на Врањеш беше енигма за екипата на Парондо. Така, Гудмундсoн постигна три гола во четири минути и на одмор Кристијанштад замина со предност од 17-16.
Во „црвено-црниот“ табор немаше премногу расположени поединци. Инвидуално погодуваа Кристопанс и Скубе и во 35. минута Вардар израмни на 19-19. Сепак, во моментите кога одбраната на македонскиот првак се стабилизира, лесни голови постигнаа Шишкарев и Дисингер и гостите поведоа со 21-24.
Фаворитот влезе во ритам, Швеѓаните се уморија и во 48. минута Вардар зголеми на +4. Искусна екипа како вардаровата требаше да не дозволи „портокаловите“ да се вратат во мечот. Но, Швеѓаните полека ја стопија предноста, имаа и напад за реми, но Гебдан го одбрани ударот на Арнасон за финални 30-32.
Најефикасен во тимот на Кристијанштад беше Гудмунсон со девет гола, а кај Вардар се истакнаа Кристопанс со осум и Шишкарев со пет и Скубе со четири погодоци. Следната сабота вардарци го пречекуваат европскиот првак Монпелје и по исходот од овој натпревар ќе биде познат финалниот пласман во групата на четвртата екипа во Европа од ланската сезона.