ФОТО: Вардарци ѝ оддадоа почит на трагично починатата Јулија Николиќ

Македонскиот ракометен првак Вардар оддаде последна почит за Јулија Николиќ која почина како последица на срцев удар на 38-годишна возраст и ги шокира сите во Македонија.

Поранешната ракометарка остави голема трага во македонскиот ракомет, а последен пат го носеше дресот на ЖРК Вардар пред неколку години, кога замина во пензија. Токму затоа, РК Вардар ѝ оддаде последна почит пред натпреварот во Лигата на шампионите со едноминутно молчење.

Ракометарката многу млада пристигна во Македонија, на само дваесет години од Галичанка се пресели во Кометал Ѓорче Петров. Во редовите на европскиот првак Николиќ настапуваше од 2003 до 2009 година, а во меѓувреме заигра и за сениорската селекција на Македонија. Откако доби македонско државјанство, ракометарката беше еден од најдобрите играчи во својата генерација, препознатлива по својата борбеност.

Од Кометал Ѓорче Петров во 2009 година, таа се пресели во Беледијеспор во Турција, па играше во француски Арвор (сега Брест), а настапуваше и во Русија за Звезда Звенигород. Кариерата ја заврши во Македонија, каде што Николиќ од 2013 до 2015 година ги бранеше боите на Вардар, во времето кога се склопуваше ѕвездената генерација.