• Иван Димовски
.Ракометарите на Вардар 1961 се пласираа на завршницата во СЕХА лигата, откако ја совладаа Војводина со 26-31 во Нови Сад. Иако одиграа бледо прво полувреме, вардарци се консолидираа и дојдоа до потврда на триумфот од Скопје и пласманот понатаму. По натпреварот, на прес-конференцијата се обрати помошникот на Недановски, Стојан Петрушевски.
„Не влеговме добро во натпреварот, бевме преопуштени, но исто така и Војводина одигра одличен прв дел. На крајот победивме, ама сакам да му честитам на ривалот за сезоната која ја одигра, бидејќи клубот врши квалитетна работа со овие млади момчиња“, кажа Петрушевски.
Покрај Петрушевски, на прес-конференцијата се обрати и ракометарот од бековската линија, Мартин Карапалевски.
„Одигравме лош прв дел, особено во почетните десет минути, кога не бевме во натпреварот. Морам да им честитам на противниците за одиграното. На паузата се договоривме да промениме некои работи, а мислам дека подолгата клупа и искуство го одлучија дуелот со Војводина. Сега, да видиме до каде можеме да дотуркаме во натпреварувањето“, прокоментира Карапалевски.
Вардарци се борат на три фронта до крајот на сезоната, ги очекува битката за трофеи со Еурофарм Пелистер и Алкалоид на домашно тло, како и завршниот турнир во СЕХА лигата.