Вардарци без притисок и за лична сатисфакција против Елверум во ЛШ

Ракометарите на Вардар 1961 ќе го дочекаат Елверум во последното 14. коло во групната фаза на Лигата на шампионите. „Црвено-црните“ веќе се пласираа во осминафиналето, а бидејќи ситуацијата и во другата група е јасна за ривал ќе го имаат Веспрем. 

Вардарци се без резултатски притисок и ќе играат за лична сатисфакција, за честа и одржување на позитивниот моментум пред нокаут рундата. Од друга страна, на Норвежаните им „гори под нозете“. Елверум и ППД Загреб се израмнети со по осум бода во битката за последното место кое води во разигрувањето, па силно мотивирани ќе истрчаат на паркетот во Скопје. 

Сепак, Елверум има подобар меѓусебен дуел од Хрватите, а загрепчани во терминот од 18:45 часот ќе гостуваат кај Албор, кој пак ако победи ќе го преземе првото место од Кил. Доколку Данците ја оправдаат фаворитската улога и Елверум ќе биде растеретен во дуелот со вардарци, па тогаш двете екипи ќе играат само за престиж. 

Јасно е дека Давид Дејвис и неговите избраници сакаат со победа да стават точка на групната фаза. Новиот предводник на Вардар нема пораз во елитното друштво бидејќи ги сруши Монпелје и ППД Загреб, а дуелот со Мешков Брест го доби на „зелена маса“. „Црвено-црните“ важат за фаворит, бидејќи во СЦ „Јане Сандански“ никој не победува лесно, па така треба да биде и вечерва. 

ЕХФ ги делегираше германските судии Фабиан Баумгарт и Саша Вајлд за натпреварот кој почнува во 20:45 часот.