Вардар заборави на неуспехот во Данска и го истури бесот врз Прилеп

Осмата победа за Вардар 1961 пристигна на денешното соочување против Прилеп (41-24) на домашен терен. Тимот на Веселин Вујовиќ одново немаше проблеми во домашното првенство и застана на чело на Суперлигата.

  • Комплетниот натпревар меѓу Вардар 1961 и Прилеп: 

Рутинската партија за „црвено-црните“ донесе позитива во соблекувалната, по неуспехот кај Алборг во Лигата на шампионите. Бранителот на тронот се врати на старите навики и лесно прокнижи бодови против прилепчани.

Гостите не се надеваа премногу пред мечот, а квалитативната разлика беше видлива по првиот дел. Вардарци постигнаа 16 гола и примија 11, со што го најавија осмиот триумф во тековната сезона.

Многуте грешки на Прилеп беа немилосрдно казнети од крилата на Вардар. Брзите транзиции беа честа глетка во продолжението, во кое предноста стана двоцифрена и на крај изнесуваше 41-24. Стефан Атанасовски беше најефикасен со седум гола, а по шест постигнаа крилата Гоце Георгиевски и Тимур Дибиров. Кај гостите прво име беше Христијан Милошески со пет реализации.