Вардар вторпат сезонава ќе ги угости Будуќност и Крим

Женскиот ракометен првак Вардар повторно ќе биде домаќин на турнир од регионалната ВРХЛ-лига и ќе ги угости екипите на Крим и Будуќност.

Турнирот кој е четврти сезонава ќе се игра во СЦ „Јане Сандански“, од 27 до 29 март и ќе биде вторпат како се одржува во Скопје оваа сезона. Вардар досега нема пораз на трите турнири и е максимален со шест победи на шест меча.

Мечевите во Скопје ќе се отворат со дуел меѓу Вардар и Крим (27 март, 15.00 часот), а ден подоцна ќе играат Будуќност и Крим (28 март, 11.00 часот). Турнирот ќе го затвори балканското дерби меѓу Вардар и Будуќност (29 март, 15.00 часот).

Влезот за сите натпревари во СЦ „Јане Сандански" за ВРХЛ лигата е слободен. До крајот на лигата Вардар ќе го чека уште еден ВРХЛ-турнир кој ќе се игра во месец април.