• Мартин Танасковски

Македонскиот ракометен првак Вардар 1961 со победа ја отвори домашната сезона и официјалните натпревари. Црвено-црните славеа над ГРК Охрид (32-31) во деветтото издание на Суперкупот на Македонија кој се одигра во Гевгелија и така дојде до петтото одличје во ова натпреварување. Чупиќ за првпат го победи Ројевиќ во новата сезона, по двата порази на подготвителните натпревари, или вкупно по три меча ако се земе предвид и последниот меѓусебен дуел од ланската сезона на Суперлигата. Дуелот на двата тима кандидати за врвот на домашната сцена беше вистинско уживање, а се реши во финишот.
Првото полувреме меѓу двата ривали понуди голема борба. Резултатот беше крајно израмнет, само еднаш еден тим успеа да се одлепи на плус од два гола. Во меѓувреме, Вардар и ГРК Охрид само си го предаваа водството и израмнуваа. Пред финишот на првиот дел, Вардар 1961 со голот на Воркапиќ од крило со звукот на сирената поведе со 17-15. На стартот на вториот дел, вардарци го држеа плусот од два гола. Бековската линија функционираше добро, се до по десеттата минута, кога ГРК Охрид успеа да се врати. Избраниците на Ројевиќ ја казнија секоја грешка на противникот и исклучувањата, па за првпат успеаја да поведат со два гола (20-22).
Пресврт направија Охриѓани и се вратија во мечот од негатива од 17-19. Сепак, Вардар не се предаде, па со два гола во низа, во 41. минута израмни на 22-22. Пак се врати неизвесноста, израмнетата игра продолжи и понатаму гол за гол (24-24), а по голманско шоу на двете страни, ГРК Охрид пак успеа да избега на два гола позитива (25-27). Вардар потоа со серија од четири гола поведе со 29-27, што на крајот пак не беше доволно за мирен триумф, затоа што Охрид на 40 секунди пред крајот израмни на 31-31. На 20 секунди пред крајот, Малус изнуди пенал и Иванковиќ беше исклучен, од најстрогата казна погоди Воркапиќ, а 12-те секунди за охриѓани со играч помалку беа недоволни, затоа што Валах му го фати шутот на Стрмљан.
Кај стрелците најдобар кај Вардар беше Воркапиќ со 12 постигнати гола, пред Малус со вкупно седум гола, додека кај ГРК Охрид се истакнаа Ѓукиќ со шест, Лиапис со пет и Стрмљан со четири постигнати гола.

