Вардар во последната секунда несреќно остана без победа против Порто!

Европскиот и македонски ракометен првак Вардар немаше воопшто среќа и со несреќно примен гол во финишот испушти победа против Порто (25-25) во рамки на ракометната Лига на шампиони.

Дуелот во СЦ „Јане Сандански“ дојде да се решава во последните секунди, а клучен фактор кај Вардар беа одбраните на Борко Ристовски и искуството на крилата Тимур Дибиров и Иван Чупиќ кои направија вистинско шоу во финишот. Вардар беше на прагот на победа, ама еден несреќен гол во последната секунда го оставија македонскиот тим без победа.

Вардар го започна натпреварот солидно и покрај добриот старт на Никола Митревски. Македонскиот репрезентативец собра три одбрани за шест минути, но на тоа одговори Ристовски, па Вардар имаше позитива од 4-2. Но, потоа следеа црни минути без гол, па Порто предводен од џокерот Магаљаеш со пет гола во низа во осум минути го сврте резултатот во своја полза (4-7).

Тоа беше знак за Стевче Алушовски да повика тајм-аут, па Борко пак влезе во елемент и му помогна на нападот да го врати Вардар во игра на мечот со португалскиот првак кој форсираше „7 на 6“ тактика (8-9). До финишот на полувремето Вујин беше во елемент, Ристовски одличен меѓу стативите, па предноста се врати за домаќинот (14-13).

Изедначено се играше и на стартот на второто полувреме. Порто се обидуваше да го разбие Вардар без голман, арно ама тимот на Алушовски беше на ниво во одбраната. Во 45. минута на семафорот во СЦ „Јане Сандански“ стоеше 19-19, потоа беше 21-21, а Порто прв зададе удар и поведе со 21-13 на осум минути пред крајот, по две грешки на Филип Талески во низа - едно промашување против Кинтана, како и една загубена топка.

Предноста од два гола Порто ја задржа и на пет минути пред финишот (22-24), Чупиќ со ефектен гол намали на 23-24, па откако Ристовски фати нова топка, Дибиров погоди за 24-24 и драма во последните 120 секунди. Ристовски на минута пред крајот ја забележа 17 одбрана, Чупиќ даде гол за 25-24, па во последниот напад, Порто со еден среќен гол во последната секунда извлече бод во Скопје.

Најдобар кај Вардар беше Борко Ристовски со 17 интервенции, а кај стрелците Иван Чупиќ запиша седум гола, Вујин имаше пет, додека Ристовски стрелаше четири пати, а кај Порто, Итуриза стрела седум пати, а Магаљаеш застана на пет.

Вардар во следното коло на Лигата на шампионите гостува во Париз кај ПСЖ, додека Порто ќе биде домаќин на Киелце.