Вардар во „ноќен“ термин тргнува во одбрана на титулата во СЕХА

Македонскиот ракометен првак Вардар го доби терминот на полуфиналниот меч против Мешков Брест, на Ф4-турнирот во СЕХА-лигата на кој „црвено-црните“ ја бранат титулата.

Челните луѓе на СЕХА ги потврдија термините. Првиот, на 2 април, од 16:30 часот ќе им припадне на ППД Загреб и Нексе Нашице, додека вториот е истиот ден, од 19:00 часот и на терен тогаш ќе бидат Вардар и домаќинот Мешков Брест.

Натпреварот за бронзен медал е закажан на 3 април од 16:30 часот, додека финалето ќе се игра од 19:00 часот.

Вардар на ланскиот Ф4-турнир кој се одигра во Скопје до трофејот во регионалното натпреварување дојде со победа во финалето над ППД Загреб.