Вардар во Дамам грабна втора светска бронза и 150.000 евра на Супер Глоуб

Европскиот и македонски ракометен првак Вардар успеа да ја освои бронзата на Супер Глоуб и во мечот за третото место сигурно славеше над домаќинот Ал Вехда (30-26).

„Црвено-црните“ на Писонеро се мачеа едно полувреме, слично како и Барселона во мечот со Саудијците, а потоа додадоа гас и на стартот на вториот дел го решија прашањето околу победникот. Голема поддршка додека се правеше пресвртот на мечот се имаше и од голманот Калифа Гедбан, кој се разбрани кога беше најпотребно. За Вардар, ова е втора светска бронза, по онаа во 2017 година.

Што се однеусва до мечот, Вардар почна доста конфузно и недисциплинирано. Дури три исклучувања имаше тимот на Вардар за шест минути, што дозволи Ал Вехда да наметне свое темпо на игра и констатно да води. Македонскиот тим беше блиску до ривалот, но константно предноста беше два гола. Клуч беа Ал Салед, Зејин и Хасан, кои постигнуваа голови од секоја позиција.

Хендикеп за Вардар беше и повредата на Дисингер, кој доби удар со топка во главата и превентивно не влезе да игра. На паузата резултатот беше изедначен (16-16), а на стартот на второто полувреме Калифа Гедбан за шест минути забележа четири одбрани и му овозможи на Вардар контри со кои се направи пресврт (20-17). Оттогаш па се до финишот Вардар константно водеше, а највисоката предност на мечот која ја имаше беше пет гола.

Најдобар кај Вардар беше голманот Калифа Гедбан со 13 интервенции, додека кај стрелците Иван Чупиќ реализира седум гола, а Даинис Кристопанс, кој беше прогласен за МВП на мечот, постигна шест. Кај Ал Вехда, Аласер заврши со девет погодока.

Третото место на Супер Глоуб на Вардар му донесе и финансиска заработка од 150.000 евра.