Вардар влезе во „погон“, Милано првпат прозиваше во новата година

Двократниот европски шампион, Вардар 1961, ги започна подготовките за останатиот дел од сезоната во македонската Суперлига. 

Гиљермо Милано на располагање ги има скоро сите ракометари, а на првиот тренинг не се појавија само репрезентативците кои наскоро ќе настапат на Светското првенство. Лазаревски и Јагуриновски ќе го носат дресот на македонската селекција, Ларс Коиј е дел од холандската, Хансе Родригез настапува за кубанската, а Мергели е дел од ростерот на туниската репрезентација. 

Екипата засега ќе се подготвува во Скопје, а во план се и неколку пријателски натпревари за влегување во посакуваниот натпреварувачки ритам. Вардар го заврши првиот дел од сезоната со 28 бода, исто колку Еурофарм Пелистер. Лидер е Алкалоид со два бода повеќе.