Вардар веќе размислува на ППД Загреб, Алушовски ќе комбинира во реваншот

Ракометарите на Вардар 1961 ќе го одиграат реванш натпреварот од осминафиналето на СЕХА лигата против Металопластика. Пресметката денес ќе биде од полесен карактер, бидејќи „црвено-црните“ одиграа моќно вчера и остварија осум голови предност. 

Металопластика прифати двата дуели да се играат во Скопје и вчера беше номинален домаќин, а денес се практично отпишани од било какви комбинации за пласман во четвртфиналето. Тимот од Шабац допатува на двомечот со кадровски проблеми и играше со доста подмладен тим, па сега откако веќе има предност шанса за испитување на силите ќе има и Стевче Алушовски. 

Предводникот на Вардар веќе најави, во реваншот ќе комбинира и нема да игра со најсилен состав, па шанса ќе добијат тие играчи кои имаа помала минутажа. Ова ќе биде последен натпревар за него, но и за неколку ракометари па се очекува и покрај составот да се оди на победа за достоен финиш на сезоната. 

Вардарци ќе ја доиграат завршницата на СЕХА лигата на стартот на новата сезона во август, со нов тренер и нови сили, а доколку не се случи огромно изненадување во следната фаза ќе игра со ППД Загреб. 

Пресметката со Металопластика во СЦ „Јане Сандански“ ќе се одигра денес од 16:00 часот.