Вардар убедлив со Бутел, го продолжи патот кон враќање на тронот

Ракометарите на Вардар 1961 ја оправдаа фаворитската улога и го совладаа Бутел со 42-27 во натпреварот од петтото коло на плеј-офот во Суперлигата на Македонија. Натпреварот кој се одигра во малата сала при СЦ „Јане Сандански“ во целост му припадна на фаворитот кој беше убедлив. 

Бутелци парираа само на стартот на средбата до 3-3, а потоа Вардар почна да гради предност. Иако беше и 5-4, фаворитот заигра посигурно. По десетина минути игра вардарци почнаа да се одлепуваат, бидејќи од 8-6 направија серија од 5-0. До полувремето Бутел немаше решение за играта на домаќинот и на одмор се замина со 21:13. 

Во продолжението тимот на Иван Чупиќ продолжи во ист ритам. Предноста продолжи да расте, а двоцифрената маргина беше пробиена во 39. минута со голот на Гоце Георгиевски за 28-18. Оттаму веќе се беше јасно, па до крајот Вардар само дополнително се одлепи против гостинот и убедливо победи. 

Најефикасен во таборот на Вардар беше Јака Малус со осум реализации, додека исто толку даде и Дејан Милосављевиќ кај Бутел.

На вардарци до крајот на сезоната им се потребни уште две победи во завршните пет рунди за да ја вратат титулата во Скопје.