Вардар со преубедлив пораз кај Порто остана без европска пролет

Македонскиот ракометен клуб Вардар 1961 и вторпат во една седмица загуби од португалски Порто, овој пат на гостински терен (37-24) и така ги загуби шансите за прогрес во следната рунда од Европската лига на ЕХФ.

Предводени од привремениот тренер Столе Стоилов, ракометарите не успеаја да му парираат на брзиот ривал кој уште од стартот наметна свое темпо и запиша втор триумф над „црвено-црните“ по оној во Скопје. Овој во „змејовото гнездо“ беше поубедлив, Порто заслужено се радува на полн плен пред своите навивачи и така го осигура второто место на табелата зад Мелсунген.

Мечот за Вардар беше во егал десетина минути кога на семафорот во Порто стоеше 8-6, а потоа противникот со брзи контри по нереализирани напади на вардарци замина на 10-6. Тоа беше знак за тајм-аут на Стоилов, ама и советите дека мора да се запрат брзите контри и транзиција на ривалот не помогнаа. Со нова серија, од 11-8, Порто замина на 17-9, па за португалскиот тим беше полесно да се игра. На пауза Порто замина со седум гола предност (17-10), а во вториот дел константно се одржуваше високиот плус, кој во повеќе наврати беше и двоцифрен. Највисоката предност Порто ја имаше кога на свој терен пред финишот водеше со 13 гола разлика (35-22).

Најдобар стрелец кај португалскиот тим беше Веитиа Валдеш со девет гола, пред Гомеш Силва Фернандеш со пет гола, додека кај Вардар, Марко Срдановиќ даде шест гола, а Георгиевски и Крсманчиќ погодија по три пати.

До крајот на Европската лига за Вардар остануваат уште два меча, тоа се против Мелсунген на домашен терен и против Валур на гостински терен. Последните два меча од групната фаза се играат во месец ноември.