• Симеончо Стоиков
Машкиот ракометен шампион на Македонија, составот на Вардар со десеттата јубилејна победа во Лигата на шампионите, попладнево над Кристијанштад со резултат од 32-29 (17-13) го потврди првото место во групата Б и директниот пласман во четвртфиналето.
Вардарци мечот го започнаа доста ефикасно во нападот, а притоа со цврста игра во одбраната, па по 7 минути игра со голот на Шишкарев поведоа со +4 (6-2). Во продолжение следеше прво исклучување во редовите на „црвено-црните“, па така гостинот од Шведска намали на -2 (7-5).
Кристијанштад во меѓувреме успеа да се доближи и на -1 (10-9), на што нашиот шампион одговори со серија од 3-0, па со двата последователни гола на Борозан повторно поведе со +4 (13-9). На две минути пред крајот на првиот дел Вардар преку Македа дојде до највисоки до тој момент +5 (16-11), за да на паузата сепак замине со предност која што ја имаше во најголем дел од првите 30 минути (17-13).
Почетокот на второто полувреме со голот на Карачиќ донесе и позитива од +6 (19-13), за да во продолжение следи пад во играта кој шведскиот шампион го искористи и со серија од 1-5 се доближи на -2 (20-18). Ова беше сигнал Гонзалез да повика тајм аут, но советите не вродија со плод, откако гостите стигнаа и до -1 (22-21).
Во следниот период следеа низа пенали на двете страни, за да Вардар во 53. минута со голот на Недановски поведе со +3 (27-24). Во меѓувреме Кристијанштад повторно се доближи на -1 (28-27), но нашиот состав на крај сепак победи со конечен резултат од 32-29.
Вуко Борозан со 6 погодоци беше најефикасен кај Вардар, во чии редови Македа и Чупиќ придодадоа по 4 гола. Во редовите на поразената екипа прво име со 7 гола беше Соренсен.