Вардар со победа над Кристијанштад го започна походот кон Ф4

На отворањето на новата сезона во Лигата на шампионите, ракометарите на Вардар на гостински терен го совладаа Кристијанштад со 23-28 (12-15) и најавија атак на толку посакуваниот Ф4. Шведскиот тим е стар познаник за нашиот шампион, бидејќи и минатата сезона во групната фаза Вардар славеше две победи.

Стартот на натпреварот не беше добар за нашиот шампион. Шведскиот тим успеваше со брза игра да ги изненади вардарци и по голот на Соренсен во 12. минута да се одлепат на +3 (7-4). Тоа беше и знак за тренерот Раул да го повика првиот тајм-аут, по кој „црвено-црните“ направија серија од 3-0 и по голот на Марсениќ во 16. минута израмнија на 7-7.

Во тие моменти се разбрани и Арпад Штербик(9 одбрани во првиот дел), па Вардар најпрво за првпат поведе со 7-8, за да во следниот напад по голот на Шишкарев има и +2 (7-9). До крајот на првиот дел Вардар играше се подобро и по голот на Душебаев во 27. минута стигнаа до највисоки +4 (10-14), за да на одмор се замине со 12-15.

Вториот дел беше во знакот на нашиот шампион и по деби голот на Чупиќ и Душебаев се одлепи на највисоки +5 (12-17). Во следниот напад Вардар преку Циндриќ имаше контранапад и за +6, но домашниот голман одбрани и беше предводник на серијата на домашните од 3-1 за намалување на -3 (16-19).

До крајот тимот на Раул Гонзалез делуваше сигурно и играше рутински, за да по голот на Марсениќ во 47. минута има највисоки +6 (17-23). Во тие моменти едиснтвен расположен кај домаќините беше голманот Симиќ (18 одбрани), кој ги чуваше домаќините од катастрофа. До крајот домаќините се обидуваа да ја намалат разликата и стигнаа до конечни 23-28.

Најдобар стрелец кај нашиот шампион беше Душебаев со 7 гола, Караџиќ запиша 5,а Марсениќ, Канељас и Шишкарев по 3. Кај домаќините Хенингсон со 7 гола беше најдобар поединец.