Вардар со нов тажен меч за гледање се прости од ЛШ

Македонскиот ракометен првак Вардар со нов пораз од Веспрем (39-30) се прости од оваа сезона во Лигата на шампионите и настапите ги заврши во рамки на осминафиналната фаза.

Унгарскиот тим имаше нов блескав натпревар, а на спротивната страна, Вардар пак беше тежок за гледање. Само стартот на натпреварот беше во егал- а потоа Веспрем почна да гради разлика која на крајот изнесуваше девет гола. Домашните уште еднаш потврдија дека оваа сезона се класа за Вардар, по онаа висока победа и на првиот натпревар во Скопје.

Дуелот во Веспрем почна доста ефикасно и за шест минути двата тима постигнаа дури дванаесет гола (6-6). Потоа, Веспрем влезе во серија благодарение на голманските одбрани и со головите на Борозан, Шишкарев и Јахја го зададе првиот удар (9-6). Потоа беше 15-11, а високата предност остана и до паузата. Вардар за малку не го изедначи најцрното прво полувреме во нокаут-рундите, со 21 примен гол (20-15).

Стартот на второто полувреме му припадна на домаќинот, Коралес одлично го замени Цупара и бранеше солидно, па Веспрем со нови голови во серија ги казни сите технички грешки на вардарци и замина на највисоки плус девет (30-21) во 40. минута. Во продолжението Вардар намали, но Веспрем пак ја врати високата позитива во 51. минута (35-26), па до крајот на мечот таа остана на семафорот.

Најдобри кај Веспрем во победата беа Шишкарев и Нилсон со по шест гола, а Штрлек даде пет, додека кај Вардар, Дибиров и Стоилов имаа по пет реализации, а Шеваљевиќ и Чупиќ погодија по четири пати.

Веспрем во четвртфиналето од Лигата на шампионите ќе се соочи со Нант на Кирил Лазаров, кој сензационално го елиминира полски Киелце.