Вардар со четири титули стана најуспешен тим во историјата на СЕХА!

Македонскиот ракометен првак Вардар успеа да освои нова СЕХА-титула откако во финалето на Ф4-турнирот во Скопје го совлада ППД Загреб (26-24), триумф со кој стана најуспешен тим во историјата на регионалното натпреварување.

Со победата над хрватскиот претставник во финалето, Вардар стана единствениот тим кој има четири титули во регионалното натпреварување. Покрај оваа сезона, Вардар се закити со златото и во сезоните 2011/12, 2013/14 и 2016/17.

Вардар зад себе ја остави најимпресивната сезона во СЕХА-историјата во која сруши многу рекорди. Импресивен податок е што македонските „црвено-црни“ завршуваат како шампиони без ниту еден пораз.

Единствен тим кој успеа да им „скине“ бодови беше Мешков Брест, со нерешен дуел во Белорусија (25-25).