Вардар со 15 победи во низа патува на мега-дербито во Битола

Екипата на Вардар 1961 си ја заврши задачата и со победа над Тиквеш на домашен терен (31-27) дојдe до петнаесеттата победа на петнаесеттиот меч оваа сезона во Суперлигата.

  • Комплетниот натпревар меѓу Вардар 1961 и ГРК Тиквеш:

Црвено-црните лесно славеа над ривалот, останаа максимални и први на табелата и се загреаја според посакуваното за мега-дербито кое им следи во следното коло, тоа е дуелот против Еурофарм Пелистер во Битола.

Што се однесува до мечот во СЦ „Јане Сандански“, отпорот на Тиквеш траеше само неколку минути. На семафорот стоеше 2-2, па Вардар тргна да игра во свој стил и ритам, се одлепи на 8-3, па цело време го држеше плусот од тој момент па до крајот. Најблизу што Тиквеш успеа да дојде беше три гола негатива непосредно пред паузата (14-11), ситуацијата стана интересна и на десет минути пред крајот кога со три врзани гола на Магду Ахмед, кавадарчани имаа 26-22, но тоа беше се од гостинот од Кавадарци.

Харуки Кавада и Урош Митровиќ имаа по пет гола кај Вардар 1961, Дмитро Хориха погоди четири пати, додека кај Тиквеш, Димитар Коцев имаше осум од осум, а Мохамед Магду Ахмед погоди седум пати.

Дербито меѓу екипите на Еурофарм Пелистер и Вардар 1961 ќе се игра во салата „Боро Чурлевски“ на 13 декември.