Вардар си кажа збогум со осум играчи и со тренерот Алушовски

Вардар со дуелот против Металопластика ја затвори сезоната и се прости со неколку првотимци, како и со првиот стратег, па ги најави промените кои следат во следните месеци.

Осум ракометари во следната сезона нема да го носат „црвено-црниот“ дрес. Тоа се Јосип Векиќ, Васко Шеваљевиќ, Робин Кантегрел, Ловро Јотиќ, Марко Кизиќ, Кристијан Дисингер, Глеб Калараш и Иван Чупиќ.

Од нив, само Векиќ, Шеваљевиќ и Калараш немаат следна дестинација. Кантегрел оди во Тулуз, Јотиќ во Лајпциг, Кизиќ во Еурофарм Пелистер, Дисингер во Динамо Букурешт, а Иван Чупиќ ќе го засили ППД Загреб.

Исто така си заминува и тренерот Стевче Алушовски. И неговата следна дестинација не е позната, а според најавите следи прв интернационален предизвик по ангажманите во Вардар и Еурофарм Работник, потоа Пелистер.

Вардар на официјалната промоција на Вујовиќ го потврди и составот за наредната сезона. Така, на списокот се најдоа шест засилувања: Мартин Томовски, Али Сафар, Дарко Ѓукиќ, Едуардо Гурбиндо, Анте Кудуз и Жереми Тото. Најавен е ангажман на уште двајца ракометари, за да се комплетира ростерот.