Вардар си играше со нервите на навивачите, па на крај тесно славеше

Македонскиот ракометен првак Вардар дојде до нова, мошне тешко извојувана победа во Лигата на шампионите над Кристијанштад од 38-36 (21-19). Дуелот го одбележа високиот број на погодоци, меч во кој Вардар влезе одлично, со предност од шест погодоци на стартот, но во продолжението до самиот крај стравуваше за победата. „Црвено-црните“ одлично го отворија мечот, поведувајќи со 2-0, за да веќе во продолжението од мечот поведат и со +4 (8-4), благодарение на расположениот Македа кој постигна три  гола во низа.

Во меѓувреме тренерот на гостинската екипа повика тајм-аут, кој не даде посакуван ефект за него. Македонскиот првак продолжи со добрата игра па така во средината на првото полувреме поведе и со до тогаш највисоки шест гола позитива (13-7).

Кристијанштад во меѓувреме заигра многу подобро, па така успеа да ја преполови негативата на нашиот првак (16-13). На ова Гонзалез одговори со пауза за совети, но и тоа не даде резултат, па така на полувреме неговите пулени заминаа само со два гола предност (21-19). Вардар влезе фуриозно во второто полувреме, па со серија од 3-0, поведе со 24-19. Сепак незгодните Швеѓани повторно се вратија, па така точно во 40. минута намалија на само еден гол негатива (27-26). Нашиот првак одново се врати на +2, притоа на неколку наврати пропуштајќи од зицер ситуација  да зголеми и на +3. Противничкиот голман Симиќ беше непремостлива пречка во тие моменти, па Кристијанштад со голот на Џамали, на десет минути пред крајот успеаа и да израмни (32-32).

Тајм-аутот, кој го зеде Гонзалез даде резултат, па така со серија од 3-0, Вардар повторно се врати во водство од 35-33. До крајот на мечот се играше гол за гол, Кристијанштад цело време му „дишеше во врат“ на Вардар со еден гол негатива, но на крај победата од 38-36 остана во СЦ „Јане Сандански“. Најефикасен во македонскиот првак беше Лука Циндриќ со 8 погодоци, еден повеќе од Горбок кој даде 7 гола. Кај Кристијанштад по бројот на погодоци отскокнаа Кристијан Бјорсен и Иман Џамали кој дадоа по 7 гола.