Вардар се загуби во Киелце, првакот го чека тешка борба во ЛШ

Европскиот и македонски ракометен првак Вардар доживеа нов пораз во Лигата на шампионите на гости кај Киелце (35-25) и го предаде местото коешто го имаше во најквалитетното европско ракометно натпреварување.

„Црвено-црните“ во Полска допатуваа со доста проблеми, посебно во бековската позиција, каде го немаа Даинис Кристопанс, а Кристијан Дисингер беше лимитиран поради повреда. Киелце не си дозволи да киксне како на претходниот меч во Скопје, добро ја имаше анализирано играта на Вардар и прокнижи нови бодови пред својата публика.

Уште од стартот на натпреварот Киелце отвори со предност и ниту еднаш не ја предаде. Домаќинот водеше со 6-3, па со 8-5, благодарение на голманот Волф, кој двапати го прочита Дисингер и ја сочува својата мрежа. Вардар се обидуваше да намали со „седум на шест“ игра, но немаше доволна брзина во составот. Кога и да дадеше гол, Киелце возвраќаше на празна мрежа.

Предноста од три гола Киелце ја задржа на паузата (17-14), а иако Вардар го отвори вториот дел со погодок и намали за првпат на два гола по долго време, сепак, Киелце влезе во ритам, ги искористи грешките на вардарци, па дојде на 21-16. Кокшаров му даде шанса на младиот Кизиќ, кој фати три топки, но избрзаните одлуки во нападите и техничките грешки, не дозволија Вардар да дојде до приклучок.

На десет минути пред крајот Киелце дојде и до највисоки „плус седум“ (27-20) и го приведе натпреварот во своја корист. Најдобри кај победникот беа Карачиќ и Каралек со по шест гола, додека Волф забележа 13 интервенции, а кај Вардар, Дибиров заврши со осум гола, Скубе постигна шест, а Стоилов имаше пет гола.

Групата на Вардар е вистински хаос, па јасно е дека европскиот првак го чека тешка борба за подобра позиција пред нокаут-рундата. Следен дуел во Лигата на шампионите ќе биде гостување кај Мешков Брест, претпоследен европски натпревар за 2019 година.