Вардар се врати од бездната, но остана со празни раце и во Сегедин

ПИК Сегед и Вардар одиграа втор возбудлив натпревар во Лигата на шампионите и истиот заврши со победа на унгарскиот вицепрвак (34-33), втора во меѓусебните пресметки со македонскиот шампион оваа сезона во ракометната елита.

Вардар настрада на оваа средба поради лошото отворање на вториот дел. Тимот на Алушовски доминираше во првиот дел и му покажа заби на фаворитот на хартија, меѓутоа само два гола во скоро петнаесет минути во второто полувреме го направија своето. Во еден момент од мечот, Вардар се врати од бездната, дојде на еден гол негатива, ама ниту еднаш немаше шанса за реми и мора да се помири со фактот дека остана со празни раце и во Сегедин.

Двете екипи го одиграа првиот дел без никаква одбрана, а со атомски напад. Колку за илсутрација, вардаровиот голман Кантегрел имаше две одбрани, а чуварите на мрежата на ПИК Сегед, Миклер и Алиловиќ имаа вкупно две. Нападот на Вардар беше енигма за одбраната на ПИК Сегед, посебно Ловро Јотиќ, Иван Чупиќ и Тимур Дибиров, кои играа допадливо и ја полнеа мрежата на противникот. Околу резултатот, ПИК Сегед константно бркаше негатива од средината па до крајот на првиот дел. Беше 11-13, па 14-16, за позитивата од два гола да остане и до полувремето кога на семафорот во Сегедин стоеше 17-19.

Но, на стартот на вториот дел, како на терен да излегоа нови ракометари на Вардар. ПИК Сегед даде три гола во низа, вардарци останаа шест минути без гол, па противникот го сврте мечот во своја корист (20-19). Кризата во нападот на „црвено-црните“ ја прекина Стоилов (21-20), но повторно дојдоа оние црни минути и брзоплети грешки.

Нови осум минути Вардар беше без гол. ПИК Сегед така се одлепи на 28-21, а тимот не успеа да ги искористи ниту блескавите минути на Робин Кантегрел, голманот кој собра десет одбрани во петнаесет минути. Тоа беше знак за нов тајмаут на Алушовски, па Вардар почна да игра како што треба и дојде на два гола негатива (28-26).

Иако во еден момент ПИК Сегед пак беше на плус четири (30-26), Вардар не се предаде. На пет минути пред крајот, со голот на Гаџа, Вардар дојде на еден гол негатива (31-30), па финишот беше игра на нерви. Еден гол негатива стоеше константно на контото на Вардар, во последната минута се влезе со 33-32 за домашните, а поради фактот дека Шеваљевиќ беше исклучен, имаа брочјана предност на терен. Тоа донесе гол за Кашпарек, па Вардар во последните секунди даде гол преку Дибиров преку контра, за минимален пораз.

Кај Вардар најефикасен беше Чупиќ со девет гола, пред Стоилов со шест, Јотиќ имаше пет и Калараш и Дибиров следеа со по четири, а блескав настап имаше голманот Робин Кантегрел со 14 интервенции. Кај ПИК Сегед, Бодо даде седум а Радивојевиќ запиша шест гола, додека Миклер беше одличен во вториот дел со седум интервенции.

Вардар по осум меча има шест порази во ЛШ и е на последното место на табелата, додека ПИК Сегед е петти со пет победи и пет порази по десет одиграни меча.