Вардар се врати на победнички патеки: Падна романски Букурешт

Ракометарките на Вардар во еуфорија

Во петтото коло од Лигата на шампионите, екипата на македонскиот шампион, ЖРК Вардар извојува победа над екипата на Букурешт со 22-21 (11-11). 

Првото полувреме беше изедначено, што го кажува и самиот резултат, 11-11. Гостинската екипа беше поконкретна во нападот, користејќи ја секоја грешка на нашите ракометарки. Расположената Гулден, беше причината за добрата игра на гостинската екипа.

Во вториот дел, гостинските ракометарки го презедоа водството, по заслуга на големиот број на грешки кај вардарки. Голманката на Букурешт, Гудишиќ, беше неверојатна на голот и спречи секакво резултатско одлепување на нашата екипа. Сепак, на седум минути до крајот, Пенезиќ и Лазовиќ донесоа позитива од +2, (21-19), што беше можеби клучниот момент за победата на „црвено-црните“.  На крај, Вардар славеше со 22-21.

Најефикасни кај нашиот шампион беа Лекиќ со 5 и Пенезиќ со 4 постигнати гола, додека кај гостите се истакна Швеѓанката Гулден со 8 гола. 

Во следното коло, вардарки гостуваат кај Будуќност, додека Букурешт игра на домашен терен против екипата на Мидтјиланд.