Вардар се спрема за Татран, во Прешов ќе патува и Јагуриновски

Ракометарите на Вардар 1961 ја одработуваат последната фаза од подготовките за пролетниот дел од сезоната, а викендов веќе го имаат првиот предизвик. Во Прешов, Словачка македонскиот шампион ќе ја отвори новата сезона во СЕХА лигата.

На подготовките во Скопје недостасуваат само репрезентативците кои настапуваат на Светското првенство во Полска и Шведска. Тие ќе пристигнат во четврток, а потоа заедно со екипата патуваат за Прешов.

„Ги одработуваме подготовките во Скопје и со ракометарите кои максимално посветено ги извршуваат задачите. Поради настинки некои отсуствуваа од некои тренинзи, но најважно е што како се наближува почетокот на првенството формата се подобрува. Ме радува што и новите играчи веќе влегуваат во системот на Вардар, но секако ќе им треба време. Со Дутра, Аларов и Јагуриновски ќе имаме и можност за поголема ротација во играта.

Ги очекуваме и нашите репрезентативци од СП со кои Вардар пролетва ќе биде повторно силен. Не очекуваат повеќе натпревари, а веднаш по гостувањето во Словачка се враќаме дома и следната среда ќе бидеме домаќини на Партизан повторно во СЕХА лигата. Очекувам и публиката да биде со нас, бидејќи во следните месеци доаѓаат силни, интересни и важни натпревари“, вели Владо Недановски, тренерот на Вардар.

Со тимот тренираат и Михаил Аларов, кој дојде од Пролет, и Бразилецот Леонардo Дутра. Томислав Јагуриновски поради скинато мускулно влатко предвреме се врати од Светското првенство, и беше на поштеда, но од редовите на Вардар 1961 информираат дека и тоj ќе патува за Словачка.