Вардар се распадна во пет минути, РНЛ пред групите во Европската лига

Македонскиот ракометен тим Вардар 1961 е пред елиминација од квалификациите за Европската лига на ЕХФ затоа што на домашен терен убедливо загуби од бундеслигашот Рајн Некар Левен (25-34) во првата од двете средби. „Лавовите“ од Манхајм имаа блесок на стартот на вториот дел и со шест гола во серија во пет минути, си ја завршија работата во Скопје. Вардар имаше свои моменти, но беше недоволно да се парира на поквалитетниот ривал.

„Црвено-црните“ тргнаа добро во натпреварот и предводени од Петриќ и Срдановиќ, како и Лазаревски, играа егал-дуел со ривалот. Вардар имаше плус на почетокот, но потоа РНЛ даде четири гола во серија, го сврти мечот на 2-4 и диктираше. Домашниот тим на Недановски потоа цело време бркаше, а енигма во нападот на бундеслигашот беше Јури Кнол кој до резултат 8-11, имаше постигнато шест гола во мрежата на Мартин Томовски.

Вардар се врати кога од 10-12, дојде на 12-12. Главен разигрувач беше јапонскиот бек Јашуира кој со својата експлозивност правеше проблеми на агресивната германска одбрана. Иако РНЛ потоа пак замина на плус два (12-14), во следните минута и пол Вардар дојде на 14-14, а откако Гисласон направи престап, македонскиот тим имаше шанса да води на паузата, ама Апелгрин ги спаси „лавовите“ од Манхајм.

Стартот на вториот тим тргна во егал, а од 17-18, тргна распадот на Вардар. Пет минути вардарци не постигнаа гол и така капитулираа во натпреварот. РНЛ од 38 до 43 минута даде шест гола, замина на 17-24 и веќе беше јасно кој ќе биде победникот на оваа средба. Финишот од мечот во СЦ „Јане Сандански“ беше само формалност за гостите, а во 20 минути Вардар постигна само пет гола, што резултира со 24-34 за бундеслигашот пред финишот.

Најдобар кај Вардар беше Милан Лазаревски со шест гола, пред Марко Срадновиќ со пет гола, додека Косуке Јашухира, Матија Николиќ, Дарко Ѓукиќ и Стефан Петриќ стрелаа по три пати. Кај Рајн Некар, Јури Кнор имаше осум, пред Давид Море со шест гола, а голманот Микаел Апелгрен фати 11 топки, наспроти Мартин Томовски со шест одбрани кај Вардар.

Возвратниот натпревар меѓу Рајн Некар Левен и Вардар е следниот викенд во Хајделберг, Германија.