Вардар се „наостри“ за Мотор со СЕХА-триумф над Нексе

Македонскиот и европски ракометен првак Вардар забележа нова победа во СЕХА-лигата и на домашен терен славеше во натпреварот против Нексе Нашице (27-25) кој се играше во рамки на третото коло од регионалното натпреварување.

Гостинот од Хрватска го мачеше Вардар четириесетина минути, а потоа „црвено-црните“ почнаа да играат во свој препознатлив стил и го решија противникот кој не знае за победа во Скопје. Досега, Вардар и Нексе имаат одиграно девет меча во Македонија, а сите девет завршија со триумф на македонскиот првак. За Вардар ова беше втора победа во новата сезона од СЕХА.

Двата тима одиграа доста изедначено прво полувреме. Се играше гол за гол, голманите Калифа и Цар беа на нивото, а Вардар и Нексе имаа 9-9 во воведните 20 минути од средбата. Потоа, Вардар проба да игра седум на шест поради исклучен играч, тоа Нексе го искористи, па првпат се одлепи поосетно, на 9-12.

Но, потоа Нексе доби двеминутно исклучување, па и гостите се обидоа со истата тактика. Брзата игра на Вардар и украдените топки донесоа лесни голови, од кои два беа на празна мрежа од Дибиров и Шишкарев, за 11-12.

До крајот на првите 30 минути, Вардар успеа да изедначи (14-14), со гол на Иван Чупиќ со звукот на сирената по една контра која ја поведе Дибиров. На стартот на вториот дел беше 18-18, но само поради тоа што Вардар трипати не реализира за два гола предност, но нападот во продолжение конечно профункционира по планот, па Пелко и Дибиров донесоа 20-18.

Нексе продолжи да форсира „седум на шест“, па соткако Кристопанс украде топка и го проигра Дибиров, на празна мрежа се погоди и за 21-18, а Калифа Гедбан собра нова одбрана, па преку Горбок се дојде и до највисоки 22-18. Високата предност остана на семафорот и на десет минути пред финишот, а големиот фаворит не дозволи изненадување.

Најдобар во триумфот беше Тимур Дибиров со девет гола, го следеше Дисингер со шест, додека Кристопанс реализираше три пати, а одличен беше голманот Калифа Гедбан со вкупно 14 одбрани. Кај Нексе, Милета и Думенчиќ имаа по четири погодока.

  • Извештај од натпреварот: 

Вардар сега го чека предизвик во ЛШ затоа што гостува во Украина кај Мотор Запорожје, додека во СЕХА, следниот дуел е на 1 октомври, кај Татран Прешов во Словачка.