• Зоран Мишевски

Денес со мечевите од 10. коло од плеј-офот заврши ракометниот шампионат на Македонија. Мечевите од последното коло ништо не решаваа со оглед на тоа што првакот и европските места се одлучени уште од минатата недела.
Вардар во Прилеп забележа тешка победа од 34-38 (15-18) и ја заврши сезоната со перфектен скор од 10 победи во 10 натпревари во плеј-офот. Манасков со 12 и Шишкарев со 6 гола беа најефикасни кај вардарци, а во прилепскиот табор се истакна Ѓорѓиески со 7 гола. Прилепчани слават ново излегување во Европа и уште една успешна сезона.
Металург во спортската сала „Парк“ во Струмица ја совлада екипата на МАКС Струмица со 28-33 (13-18). Најефикасни во победничката екипа на Лино Червар беа Талески со 8 и Матиќ и Палевски со по 5 гола. Во поразениот тим Маиќ даде 9, а новиот репрезенативец Соколов беше автор на 8 гола.
Охрид како гостин ја победи екипата на Работнички, која е немоќна во плеј-офот со 26-33 (10-20). Павловиќ со 6 и Мачу Џалил со 5 гола беа најефикасни во победничкиот тим на Андоноски, а кај Работнички најефикасни беа Немања Марсениќ со 6 и Златко Мојсоски со 5 гола.
Со максимални 30 бода Вардар и формално го освои првото место на табелата, Металург е втор со 24, Макс Струмица го освои третото место со 15, а Прилеп четвртото место со 12 бода.