• Мартин Танасковски

Македонскиот ракометен првак Вардар гради тим за следната сезона. Анте Кудуз и Дарко Ѓукиќ се договорени, а во најава се и два можни трансфери од Шведска, затоа што управата има интерес за двајца млади ракометари.
Се работи за 20-годишното лев бек Ерик Јохансон и 22-годишниот десен бек Ерик Персон. И двајцата се дел од шведскиот тим на Ескилстуна ГУИФ, а Вардар веќе покажал интерес за играчите. Но, од шведскиот тим не сакаат да ги пуштат сега и најавуваат можен трансфер само на крајот од сезоната.
„Интересот од Вардар за двајцата ракометари пристигна пред јас да дојдам на моето работно место како спортски директор. Не знам што точно се разговарало. Но, од она што го гледам засега, немаме амбиции да ги пуштиме да си одат од клубот“, изјави спортскиот директор Кристијан Андерсон.
Гуиф се наоѓа во средината на табелата во шведскиот ракомет, а двајцата ракометари направија голем подвиг во сензационалната победа над Кристијанштад (29-28) во претходната рунда од првенството - Персон постигна седум гола, додека Ерик Јохансон беше стрелец на шест.