Вардар рувото го менува, ама навиките не – дома пак го среди Еурофарм Пелистер!

Второ дерби во новата сезона, прво во Суперлигата и втора победа за Вардар 1961. Најтрофејниот клуб славеше на домашен терен над Еурофарм Пелистер (30-25) и по оној триумф во Суперкупот му даде до знаење на ривалот дека нема лесно да се предаде во борбата за титулата оваа сезона на домашната сцена. Вардарци продолжија со навиките како во минатото, затоа што ова е деветта победа на „црвено-црните“ на домашен терен во последните десет соочувања со најголемиот ривал.

  • Комплетниот натпревар меѓу Вардар 1961 и Еурофарм Пелистер:

Еурофарм Пелистер имаше голем проблем во нападот, а против себе го имаше и расположениот Мартин Томовски. Бековите не функционираа кај „зелените“, додека Вардар, иако со речиси целосно променет тим во однос на лани, имаше фантастична тимска игра и висок процент на реализација. За Еурофарм Пелистер ова беше прв меч во Суперлигата поради европските обврски и стартува со пораз, додека за Вардар ова беше втор триумф по оној со Бутел Скопје.

Битолчани на овој натпревар беа лимитирани поради недостатокот на странците, поради правилото во домашното дерби не играа Нилсен, Петровиќ, Сери и Стевановиќ. Исто како и на претходниот меч со Колстад, се покажа главната болка - бековската линија и нападот. Во 14 минути, Еурофарм Пелистер даде само два гола, еден беше од пенал, а тоа резултира со предност од 6-2 на „црвено-црните“. Вардар за разлика од ривалот беше полетен, менуваше стрелци во нападот, а на голот го имаше и расположениот Мартин Томовски кој во воведните 15 минути фати пет топки.

Продолжи Вардар со добра игра и понатаму, во вториот дел од првото полувреме се разбуди и пивотот Милан Лазаревски кој врза три гола. Беше 8-3, потоа и 10-7, предност од три гола која Вардар ја задржа и до паузата (15-12). Колку за илустрација, македонските ракометари доминираа во нападот на Еурофарм Пелистер, а двајца од тројцата топ-стрелци беа крила. Костески и Кузманоски, заедно со Танкоски, комбинираа девет од головите на пелистерци на гостувањето.

На стартот на второто полувреме Вардар продолжи како што застана, слично беше и со Пелистер, како што го почна мечот. Не помогна ниту паузата за екипата на Александар Јовиќ, па Еурофарм Пелистер со само еден постигнат гол му дозволи на Вардар да побегне на највисоки 19-13. До финишот на мечот, битолчани успеаја да се вратат на два гола (22-20), а откако Кизиќ ја забележа првата интервенција, гостинот имаше напад за минус еден, кој не го реализира, а на спротивната страна Јасухира казни за 23-20. До крајот пелистерци доаѓаа на два, ама не и поблизу до Вардар, па така победата остана за најтрофејниот.

Најдобри кај Вардар беа Милан Лазаревски и Марко Срдановиќ со по шест гола, а Матија Николиќ и Стефан Петриќ погодија по пет пати. Косуке Јасухира како плејмејкер заврши со четири гола, а голманот Мартин Томовски собра 13 интервенции. Кај Еурофарм Пелистер, Урош Борзаш имаше шест гола, сите во второто полувреме, пред Цветан Кузманоски и Ненад Костески со по пет реализации.

Суперлига 2023/24
Група Б - Прво коло

Вардар 1961 - Еурофарм Пелистер 30-25 (15-12)

Спортска сала „Јане Сандански“ - Скопје
Гледачи: 3.000
Судии: Димитар и Дејан Георгиевски

Вардар 1961:
Томовски, Гогов, Јагуриновски 3, Аларов 1, Георгиевски, Карапалевски, Јасихура 4, Родривез, Лазаревски 6, Срдановиќ 6, Николиќ 5, Петриќ 5, Ѓукиќ, Виктор Алонсо, Мишевски
Седмерци: 4/3
Исклучувања: 4 минути

Еурофарм Пелистер:
Лесјак, Гедбан. Кизиќ, Кузманоски 5, Тајник, Кисум 2, Цехте 1, Борзаш 6, Танкоски 2, Радивојевиќ, Костески 5, Пет. Атанасијевиќ, Ѓорговски, Васиљев 1, Пешевски 1, Пав. Атанасијевиќ 2
Седмерци: 6/4
Исклучувања: 8 минути