• Иван Димовски
Ракометарите на Вардар 1961 се вратија на победите во Суперлигата, откако дома убедливо славеа против аутсајдерот Струга со 29-20 (16-8). Средбата која се одигра во малата сала при СЦ „Јане Сандански“ понуди само израмнет старт, а потоа квалитетот на скопјани исплива на површина. На крајот избраниците на Владо Недановски запишаа висока победа и го надминаа шокот во Кавадарци и поразот од Тиквеш.
- Комплетниот натпревар меѓу Вардар 1961 и Струга:
Стружани одлично влегоа во натпреварот, во целост му парираа на фаворитот и некое време беа рамноправно. Еднаш гостите минимално поведоа, а играа егал до 5-5. Потоа следеше период во кој „црвено-црните“ се наметнаа, влегоа во серија и се одлепија па на одмор заминаа со веќе високи 16-8.
По паузата за полувреме вардарци продолжија во слично темпо, бргу дојдоа до двоцифрена предност (20-10) и потоа рутински го доработија натпреварот. Водството на Вардар варираше токму околу таа двоцифрена граница, не оставајќи им простор на момците од Струга да се надеваат на никаков кам-бек.
Најефикасне играч на натпреварот беше Мерис Бошњак кај гостите со десет реализации, додека во таборот на Вардар се истакна новото засилување Мохамед Бахар со девет погодоци.
Фото: Денис Дуковски / РК Вардар 1961