• Мартин Танасковски

Актуелниот бранител на тронот во Купот на Македонија, екипата на ЖРК Вардар, доживеа пораз во финалето на Ф4-турнирот од Куманово (24-22) и на организаторот на завршницата му дозволи да испише историја и да дојде до првиот трофеј во клупската историја.
Дуелот меѓу двата тима беше тотално неизвесен, а Вардар имаше напад за реми, но го расипа, откако му подари топка во рацете на противникот. Во целата драма, црвен картон заработи и Седлоска, па Куманово со пенал ја запечати Куп-титулата. ЖРК Вардар така ја прекина низата на освоени трофеи во Купот, а Куманово за првпат застана на тронот.
Куманово почна поцврство на стартот на натпреварот, па диктираше темпо на игра. Од резултат 3-2, домашните успеаја да направат една серија поради грешките на ЖРК Вардар и промашувањата на Николиќ, Седлоска и Ѓоргиевска, па дојдоа на 7-2, а дополнителен проблем претставуваше и искучувањето на Седлоска во средината на првиот дел.
Потоа, домаќинот воден од Шарановиќ и Боризовска водеше и со 10-5, но Вардар не се предаде, па поради четири одбрани на Симона Грујовска, се врати во натпреварот и со брзи голови на Трпевска и Миновска, дојде на 10-9.
ЖРК Вардар имаше и напад за 10-10, но направи техничка грешка, па Куманово го запечати полувремето со погодок на Шарановиќ, за предност од 11-9. Стартот на вториот дел повторно му припадна на домаќинот, кој се одлепи на 14-9 и константно водеше.
На 15 минути пред крајот резултатот во салата Спортска гласеше 19-16 за Куманово, но вардарки пак приредија неизвесен финиш, па во последните десет минути се влезе со 20-19. Во 53. минута од мечот Грујовска забекежа нова одбрана, а Вардар имаше напад за изедначување, но гостинот дојде на раб на пасивен напад и не погоди.
Во неизвесност минаа и последните минути од мечот, во 59. минута резултатот гласеше 23-22, а откако Шарановиќ промаши, Вардар имаше напад за реми, но подари топка и воедно Седлоска поцрвене. Победата се запечати преку пенал, во самиот финиш.
Најдобра кај Куманово беше Шарановиќ со седум гола, а Мила Трајковиќ постигна шест, додека кај ЖРК Вардар, Трпеска реализира шест пати, а Седлоска и Николиќ дадоа по четири погодока.