Вардар прв зададе удар, Еурофарм Пелистер падна во Скопје!

Ракометарите на Вардар 1961 први зададоа удар и славеа на првото сезонско дерби против Еурофарм Пелистер со 27-24 (15-11), во рамките на четвртото коло од Суперлигата. Средбата во СЦ „Јане Сандански“ мина во знакот на борбеноста, а се виде поголемата свежина на скопјани. „Црвено-црните“ диктираа темпо во текот на целиот меч, па тоа им се исплати со прва дерби победа во сезоната.

  • Комплетниот натпревар меѓу Вардар и Еурофарм Пелистер:

Недановски се одлучи за Борозан во тимот, а Ангеловски изненадувачки ги сврти младите Хаџиќ и Ристевски во комбинација за настап. Натпреварот започна со цепелин на Срдановиќ и Маргхели и ефектен гол за домаќинот. Головите на Маргхели донесоа плус два, а Срдановиќ од седмерец погоди за 5-2 во десеттата минута. Возврати Манасков со два гола и шампионот намали на 6-4 во 12. минута. Само што влезе во игра Борозан, погоди од место за највисоки плус четири и тајм-аут на Ангеловски. Вардар делуваше многу подобро во одбрана, а по серијата технички грешки, Хориха погоди од далечина за 11-6 во 22. минута. Момците на Владо Недановски ја одржаа предноста до крајот на првиот дел и на одмор се замина со 15-11.

Се обидуваа пелистерци на стартот на полувремето да ја анулираат негативата, приоѓаа во неколку наврати на „минус три“, но Вардар играше добро и сигурно во нападот одржувајќи водство. Влезе и домаќинот во мини-криза, а пелистерци напаѓаа за да пријдат на гол дефицит, меѓутоа во напад до пасива не успеаја. Од втор обид битолчани успеаја да дојдат до 20-19 со голот на Радивојевиќ од пенал, по што Недановски свика тајм-аут. Одговори Георгиевски со гол, но пак од седум метри погодија гостите преку Кузмановски. Не искористи Вардар напад за плус три со човек повеќе, а во последните десет минути се влезе со голот на Николиќ за 23-21.

Откако домашните се одбранија следеше гол на Јагуриновски низ блокот за одново да биде плус три. Имаа пелистерци две технички грешки во низа, па за 25-21 погоди Геогриевски и то натера Ангеловски на минута одмор и совети. Тоа вроди со плод бидејќи битолчани дадоа гол и се одбранија, меѓутоа потоа Еспиња му фати пенал на Радивојевиќ за да остане три разлика. Успеа да погоди Лазаревски, а потоа и Гогов да одбрани. Следеше исклучување за Јагуриновски и шанса за гостите да се вратат. Сепак, Еурофарм Пелистер не го искористи тој период и капитулира против лутиот ривал. 

Најефикасни на натпреварот со по осум гола беа Марко Срдановиќ и Филип Кузмановски.