• Иван Димовски
Ракометарите на Вардар 1961 го добија дербито против Алкалоид со 29-27 (15-13) и во рамките на 12. коло му го нанесе првиот пораз во Суперлигата сезонава. Не успеаја вардарци во СЦ „Јане Сандански“ да се изборат за подобар меѓусебен дуел, бидејќи промашија пенал на истекот на времето.
Средбата тргна одлично за домашната екипа, вардарци водени од Хориха кој даде три гола дојдоа до 4-1. Момците на Лазаров се консолидираа, успеаја да вратат со иста мера и стигнаа до егал (5-5). Се играше гол за гол во следиот период, Алкалоид почесто водеше и успеа да дојде првпат до „плус два“ со голот за 9-11. Сепак, вардарци реагираа добро и до поллувремето дадоа шест, а примија само два гола. Со тоа на паузата се замина со предност на домашните од 15-13.
На стартот на продолжението вардарци тргнаа добро, првпат поведоа со три разлика (17-14), ама следеше пад во играта. Алкалоид врза серија голови и се врати до егал (18-18). Вардарци водеа со по гол предност, а ривалот се враќаше на нерешено во следниот период. Така се играше до погодокот на Срдановиќ и „црвено-црните“ поведоа со 24-22. Поведоа вардарци и со три разлика, па со оваа предност се влезе во завршницата.
Премногу брзаа момците на Гиљермо Милано во одредени акции и не искористи неколку напади за „плус четири“, а казната стигна преку Џонов кој погоди за 27-26. Многу важен гол од трк постигна Николиќ, па тоа го потврди Еспиња со интервенција (28-26). За Вардар погоди и Хориха кој ја врати предноста од три гола на семафорот. Алкалоид реализираше, а потоа следеше серија промашувања. На две секунди пред крајот домашните добија пенал, одговорноста ја презеде Срдановиќ, но Галевски со својата десетта интервенција му го скроти ударот.
Дмитро Хориха беше најефикасен играч на средбата со седум реализации, додека кај Алкалоид се истакна Марко Митев со пет погодоци.