Вардар против Монпелје сака да ја продолжи добрата серија во ЛШ

Ракометарите на Вардар 1961 денес ќе го одиграат натпреварот од четвртото коло во Лигата на шампионите, на домашен паркет против Монпелје. Македонскиот тим се надева дека ќе ја продолжи добрата серија, бидејќи по првите три кола е без пораз во елитата.

Покрај тоа што немаат пораз, избраниците на Веселин Вујовиќ покажаа дека можат да се надигруваат и со подобрите од себе. Со поддршката од публиката, Вардар успеа во СЦ „Јане Сандански“ да слави во дуелот со европскиот вицепрвак Алборг и тоа играта беше на завидно ниво. Вујо ја донесе потребната борбеност на екипата, со компактна и цврста одбрана, но и присебност во нападот вардарци успеаја досега да запишат две победи и реми во ова натпреварување. 

Денес во Скопје доаѓа Монпелје кој игра променливо. Во претходното коло француската екипа успеа да го победи гигантот Кил со седум гола разлика (37-30), ама пред само три дена загуби во домашното првенство. Сепак, Монпелје не е наивен ривал и доколку Вардар сака позитивен резултат, мора одново да одигра на високо ниво како против Алборг. 

„Црвено-црните“ се поуспешни во меѓусебните дуели, имаат шест победи, два порази и едно реми. Сепак, еден од двата порази е воедно и еден од најболните бидејќи беше на „фајнал-фор“ турнирот во 2018 година во полуфиналето. 

Пресметката во СЦ „Јане Сандански“ денес е закажана со почеток од 20:45 часот.