• Мартин Танасковски

Екипата на Вардар 1961 им се врати на победите во Суперлигата. Црвено-црните на домашен терен не виде мака со фенерџијата Радовиш (40-26), во меч во кој тимот доминираше од почетокот па до крајот на средбата.
- Комплетниот натпревар меѓу Вардар 1961 и Радовиш:
Уште од почетокот на мечот Вардар тргна во силно темпо, даде три гола во низа, а потоа разликата само се зголемуваше. Првиот удар кон победата тимот на Иван Чупиќ го зададе пред полувремето, кога од 18-13, со четири гола во низа замина на 22-13.
Во вториот дел, Вардар се одлепи за првпат двоцифрено (24-14) и ниеднаш не ја испушти таа позитива. Највисоката предност која црвено-црните ја имаа во салата „Јане Сандански“ беше плус од 15 на своето конто.
Николас Боно беше најдобар кај победникот со 11 гола, го следеше Мигел Пинто со девет, а потоа на листата беше Кристијан Атанасовски со осум гола. Кај Радовиш, единствено расположено име беше Здравко Постолов со осум гола, пред Славе Јанковски со шест.
Во последниот дуел за оваа година Вардар 1961 гостува кај Прилеп, додека Радовиш кој е единствен без бодови во шампионатот ќе му биде домаќин на ГРК Охрид.

