• Мартин Танасковски

И по седмото коло во машката Супер лига, Вардар останува единствениот тим со максимален учинок, потврдувајќи ја својата доминација на домашната сцена. „Црвено-црните“ без поголем отпор го совладаа Прилеп на домашен терен, остварувајќи нова висока победа од 39-22 (19-9).
- Комплетниот натпревар меѓу Вардар 1961 и Прилеп:
Од самиот почеток немаше дилеми околу победникот. Вардар поведе рано и ја одржуваше контролата во целосен ритам, а во 28. минута резултатот гласеше 19-7, највисока предност во првиот дел. Гостите се обидоа да се консолидираат на стартот од второто полувреме и успеаја да намалат на „минус 7“, но тоа траеше кратко.
Подолгата и поквалитетна клупа на домаќините, како и желбата на играчите да се докажат, повторно ја вратија високата разлика. На средината од второто полувреме Вардар водеше со „плус 12“ (27-15 и 28-16), а до 50. минута резултатот беше 31-17. До крајот натпреварот се играше во ист ритам, со Вардар кој ја зголемуваше разликата и ја потврди својата апсолутна доминација.
Најдобар стрелец кај Вардар на мечот беше Кристијан Атанасовски со пет гола од пет обида, додека Харуки Кавада исто така постигна пет гола, но со едно промашување. По четири пати во листата на стрелците се запишаа и Стојановски, Георгиевски, Митровиќ, Талески и Ќосевски. Кај Прилеп, Димитар Димитриоски против поранешниот клуб имаше седум постигнати гола.








