Вардар преку новајлијата до прв суперлигашки триумф

Ракометарите на Вардар 1961 ја запишаа првата сезонска победа, откако на домашен паркет го совладаа новајлијата во лигата Бисинов од Велес со 31-24 (16-14). Средбата се одигра во малата сала во СЦ „Јане Сандански“, велешани пружија отпор во првиот дел, а потоа квалитетот исплива на површина за триумф на фаворитот. 

Вардарци добро отворија, стекнаа предност од два гола која ја бранеа на стартот. Бисинов успеа да дојде до егал на 5-5, но тогаш прими три погодоци во низа (8-5). Момците на Недановски не брзаа, не се трошеа премногу и играа на рутина и квалитет. Направија предност од пет разлика (13-8), меѓутоа се опуштија во финишот на полувремето. Тоа гостите го искористија за на одмор да се замине со неизвесни 16-14. 

Отвори Бисинов со гол за минус еден, но Вардар го покажа својот квалитет. Отпорот на велешани пукна во последната четвртина од мечот, а тогаш Вардар се одлепи и без потешкотии дојде до конечната победа. Највисокото водство на мечот беше шест разлика (26-20), со кое „црвено-црните“ си обезбедија мирен финиш. 

Стефан Петриќ беше најефикасен играч на мечот со седум реализации, додека Тоше Ончев кај Бисинов постигна еден помалку.